Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Лаборатории Институтски лаборатории Лабораторија за висок напон

Лабораторија за висок напон

Лабораторијата за висок напон (ЛВН) му припаѓа на Институтот за ПЕЕС. Формирана е во 1967 година и нејзин прв раководител бил проф. д-р Александар Величковски. Во 1972 година за раководител на ЛВН бил назначен проф. д-р Ристо Миновски, тогашен асистент при Катедрата за пренос на електрична енергија. Од 2005 година раководител на Лабораторијата е проф. д-р Ристо Ачковски.

Во оваа лабораторија од нејзиното постоење па сè до денес паралелно се одвиваат следните видови дејности: наставна, научно-истражувачка и апликативна дејност. Затоа ЛВН е конципирана за да ги постигне следните цели: да обезбеди квалитетен наставен процес од наставно-научната област техника на висок напон за студентите од електроенергетските насоки на Факултет електротехника и информациски технологии во Скопје; да врши научно-истражувачки проекти од доменот на примена на јаките електрични полиња; да нуди и реализира услуги на стопанските организации (производни гранки и стопанството).

vn
Дел од ВН испитна опрема во ЛВН

За да се постигне ефикасност во работењето и обезбедат квалитетни и високо-професионални лабораториски и теренски експериментални истражувања неопходно било: да се обезбедат неопходните предуслови за негување и реализација на потцртаните истражувања, преку теориско осознавање на материјата и обезбедување увид во високопрофесионалната опрема за реализација на идните истражувања; да се усвои основен развоен концепт на Лабораторијата, со утврдување на тежиштето на идните истражувања; да се обезбедат средства за набавка на опрема.

Повеќе од триесет години во Лабораторијата за висок напон студентите од електроенергетските насоки се образуваат од областа на јаките електрични полиња, односно од областа на високите напони. Во Лабораторијата се изработени голем број дипломски работи, магистерски работи и неколку докторски дисертации. Соработниците на ЛВН објавиле голем број трудови во списанија и на разни советувања (домашни и странски), од областите: атмосферски и внатрешни пренапони, координација на изолацијата, високонапонска мерна техника, искуства од експлоатација на опремата во ЕЕС, изолациони системи на опремата и др.

Паралелно со одвивањето на наставниот процес и едукацијата на студентите во доменот на високиот напон, во рамките на додипломските и постдипломските студии на Факултетот, како и за потребите на стопанството, во изминатиот 40-годишен период е вршен и голем број научно-истражувачки зафати, финансирани претежно од стопанството. Покрај теориските истражувања, во ЛВН се вршеа и низа лабораториски истражувања во доменот на изолационите конструкции на елементите од ЕЕС кои имаа за цел да овозможат подобрување на карактеристиките и материјалите за производство на домашните производители на електротехничка опрема (антиста тички подови, аралдитни смоли и сл.). Истражувања, повторно за потребите на домашните производители, се вршени и во конструкциите и технологиите на производство, на кабелски глави за 20 kV, порцелански спроводни изолатори, потпорни и спроводни изолатори сè до најголем погонски напон 38 kV, разделувачи и разделувачи на моќност сè до најголем погонски напон 24 kV, изолациони конструкции за осигурувачи за најголем напон до 24 kV, разводни ќелии за напон до 38 kV и мерни трансформатори за напони до 38 kV.

Во рамките на оваа лабораторија во изминатиот период е реализиран голем број проекти, преку кои е проценувана состојбата на изолационите системи на: речиси сите генератори од ЕЕС на РМ, на енергетските и мерните трансформатори, кондензатори, кабли, водови, одводници на пренапони и др. Со тоа е постигнато, преку однапред испланирана и дефинирана зачестеност на таквите испитувања и анализи, наменски да се следи најосетливиот дел од опремата и притоа навреме да се интервенира, со што се обезбедува програмиран пристап при ревитализацијата и се спречуваат непредвидените хаварии и испади на елементите од електроенергетскиот систем.

Поважни проекти и испитувања извршени во рамките на апликативната дејност на ЛВН во изминатиот 40-годишен период се следните: ревитализацијата на изолационите системи на двата генератора во ХЕЦ „Глобочица“, првиот генератор во ХЕЦ „Шпилје“; ревитализација на поголем број трансформатори и одводници на пренапони; следење на карактеристиките на изолационите системи на статорските намотки на сите витални генераторски единици во ЕСМ; следење на квалитетот на изолацијата на сите блок-трансформатори во електричните централи и голем број енергетски трансформатори 400/115/31,5; 220/110/10 и 110/X/Y kV во ЕСМ; усовршување и верификација на мерните процедури; усвојување и иновирање на критериумите за квалитет на изолацијата на опремата; следење на квалитетот на изолационите системи на 20 големи хидро и турбогенератори и над 60 енергетски трансформатори; изградба на одделение за истражување на масло-хартиена изолација со чија помош досега успешно се ревитализирани околу 80 мерни трансформатори; развивање на постапка за мерење и анализа на карактеристиките на парцијалните празнења; мерење на капацитивноста и мерење на диелектричните загуби на ВН изолациони системи и др. Покрај работата на овие ипитувања со коишто е опфатена клучната опрема од ЕЕС на Македонија, во континуитет се вршеа рутински испитувања на изолационите карактеристики на ВН и СН изолаторски вериги, мерни трансформатори, одводници на пренапони, изолациони масла, изолациона и ХТЗ опрема и др.

ЛВН располага со високопрофесионална мерна опрема, како и со долго годишното искуство во научно-техничките истражувања. Учесниците во нејзината работа имаат темелни познавања на сложената мерна опрема и успешно излегуваат на крај со толкувањето на резултатите од испитувањата. Лабораторијата е опремена со следната опрема: двостепена каскада за добивање висок наизменичен напон, 50 Hz, (400 kV, 200 kVA); генератор за добивање ударни напони (600 kV, 4 kJ, 8 степени) и стандарден облик на ударниот напон 1,2/50 μs; мобилни уреди за добивање високи напони и тоа: наизменичен: (50 kV, 4 kVA; 66 kV, 1 kVA; 20 kV, 5 kVA; 22 kV, 15 kVA) и еднонасочен, полупериодно исправен напон (100 kV, 1 mA); ниско напонска придушница; постројка за мерење на карактеристиките на парцијалните празнења; постројка за мерење на капацитивноста и аголот на диелектричните загуби; шерингов мост; постројка за испитување на карактеристиките на изолационо масло; друга опрема (лабораториско возило, постројка за ре витализација на мерни трансформатори со масло-хартиена изолација, репетиционен ударен генератор 500 V, неколку гигаом метри, осцилоскопи, волтметри, амперметри, компјутери, модели и друга придружна опрема). Параметрите на основната испитна опрема (трансформаторска каскада и генератор за ударен напон) се избрани така што ги задоволуваат стандардните испитни напони според IEC 71-1 за електроенергетската опрема со најголем напон на мрежата 123 kV.

Со посебни залагања, со средства од апликативната дејност, дополнително е изградена постројка за филтрирање и вакумирање на изолациони масла. Во Лабораторијата е изграден анекс каде што се истражува и ревитализира масло-хартиената изолација, пред сè изолацијата на високо напонските мерни трансформатори. Покрај висококвалитетната постројка за вакумирање и филтрирање, изградена е и печка за сушење на изолацијата.

Освен ова, во Лабораторијата се конструирани и реализирани: уред за мерење високи отпорности на изолацијата; ВН испитен транформатор 20 kV, 5,5 kVA; ВН испитен трансформатор, 20 kV, 20 kVA; регулациона придушница за компензација на реактивната моќност за потребите на теренските високонапонски испитувања на големи капацитети; уред за испитување на карактеристиките на трансформаторското масло; делител за напони до 100 kV; разни приклучни уреди; уред за испитување на изолациони теписи и др.

За постигнатите резултати на Лабораторијата во 1991 година телевизија Скопје сними 30-минутен филм за истражувачките активности во Лабораторијата за висок напон. Филмот се прикажуваше и на другите југословенски телевизиски куќи.
Navigation
Информации за матурантите

copy_of_studenti.jpg

СП ФЕИТ

copy_of_SPFEIT_Logo.jpg

ЛКХТЈЗ

logo_lkhtjz_mk.png

MECA Project

MECAlogo.png

Списание JEEIT

JEEITlogo.jpg

Студентски пракси

copy_of_logoevn.png

LabVIEW академија

labview_logo.jpg

ЖИРО СМЕТКИ НА ФАКУЛТЕТОТ

Жиро сметки на ФЕИТ

 
Презентација на ФЕИТ

Prezentacija_na_FEITdekemvri2017_m.jpg

ISO 9001:2008

Соопштенија

RoboMac_Logobezgodina.jpg


erasmus.png

Календар
ноември
« ноември 2024 »
повтсрчепесане
123
45678910
11121314151617
18192021222324
252627282930