Лабораторијата  за релејна заштита е формирана во осумдесеттите години од минатиот век,  кога се создадени просторни можности со надградба на анексот, а делува  во рамките на Институтот за електрични централи и разводни постројки.  Основач и долгогодишен раководител е проф. д-р Мито Златаноски. Моментално со лабораторијата раководи проф. д-р Антон Чаушевски. Прв лаборант  бил ел. инж. Димитрије Дилевски, а потоа таа функција ја вршат: дипл.  ел. инж. Борис Рошков и дипл. ел. инж. Љупчо Карајановски.
 
 Основна дејност на Лабораторијата е изведување настава, посебно во делот  на лабораториските вежби по предметите на Институтот за електрични  централи и разводни постројки (ИЕЦРП). Во склоп на Лабораторијата  изградена е и училница во која се одржува настава и аудиториски вежби за  студентите по сите предмети на ИЕЦРП кои се слушаат на студиската програма  Електроенергетика, управување и менаџмент, но се и дел од наставата на другите  студиски програми на Факултетот.
 
 Друга значајна дејност на  Лабораторијата е апликативната, на која се посветува посебно внимание.  Преку соработка со соодветните институции и компании во земјата и  странство кои работат на полето на електроенергетиката, се остварува и  практична соработка, што е важно за стекнување искуство во дејноста и  збогатување на знаењата. Ваквата апликативна дејност, секако, значи и  придонес на наставниот кадар за потребите на стопанството на земјата.
 
 Институтот за ЕЦРП, а со тоа и Лабораторијата за РЗ имаат придонес во  повеќе дисциплини и предмети на додипломските и на постдипломските  студии. На додипломските студии во Лабораторијата се држи настава,  аудиториски и лабораториски вежби последните дисциплини: релејна  заштита, примена на дигитална заштита, разводни постројки, заземјување и  заштитни мерки, производство на електрична енергија, софтверски алатки  во ЕЕ, експлоатација на ЕЕ објекти, менаџмент со инженерска економика и  проектирање на електроенергетски објекти. На магистерските студии во  Лабораторијата се изведува настава по наставните дисциплини од  студиската програма Електроенергетика, студиската програма Проектен  менаџмент и дел од предметите по студиската програма Обновливи извори на  енергија.