Лабораторијата  за процесирање сигнали е формирана во 2009 година во рамките на  Институтот за електроника како дел од проектот Магистерски студии по DSP  базирани на комбиниран начин на учење финансиран од програмата Tемпус.  Лабораторијата е предвидена за изведување наставни дејности од областа  на процесирање сигнали, пред сè за лабораториски вежби, изработка на  семинарски, дипломски и магистерски трудови. Освен за наставна дејност,  Лабораторијата се користи и во научно-истражувачки и апликативни цели во  рамките на разни домашни и меѓународни проекти. 
 
 Основните  цели на оваа Лабораторија се да се овозможи што подобро совладување на  основните концепти во процесирањето на сигнали со помош на компјутерски  симулации и соодветен хардвер; да им се овозможи на студентите  запознавање со и користење опрема за DSP која е погодна за процесирање  на сигнали во реално време; да се потенцира широкиот опсег на DSP  апликации со помош на практични вежби во области како: процесирање на  слики и видео, процесирање на аудио и говор, машинска визија, дигитална  контрола, комуникации и сл. Со други зборови, студентите добиваат убава  можност да имплементираат практични алгоритми за процесирање сигнали на  современи DSP процесори во реално време. Освен ова, преку формирањето на  оваа лабораторија е создаден простор за поддршка на  научно-истражувачката и апликативна работа во оваа област.