Електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај
Институтот за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај го формираат Лабораторијата за основи на електротехника и Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај.
Во склоп на Институтот функционираат Центарот за Електромагнетна компатибилност и Центарот за компјутерски технологии во екологија.
Кадар на Институтот:
Проф. д-р Никола Чекреџи, раководител на Институтот,
Проф. д-р Велимир Филипоски, раководител на Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај
Проф. д-р Панчо Врангалов, раководител на Лабораторијата за основи на електротехника
Проф. д-р Леонид Грчев
В.проф. д-р Марија Кацарска
Доцент д-р Снежана Чундева
Доцент д-р Коста Митрески
Доцент д-р Весна Арнаутовски-Тошева
Инж. Стојан Николовски.
Неколку факти за Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај
Основни податоци: Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај е основана при Електротехничкиот факултет во Скопје во 1970 година. Во неа се негуваат и развиваат трите основни универзитетски дејности: наставна, научно-истражувачка и апликативна.
Во поглед на наставната дејност нашата Лабораторија ги развива дисциплините поврзани со конверзија и рационално искористување на електричната енергија, меѓу кои како основни наставни области би ги издвоиле предметите електротермија, електрична влеча, електрично заварување, електротермиски уреди итн.
Во текот на нејзиното постоење, Лабораторијата е опремена со голем број на електротермиски уреди и инструменти кои се користат за практичната настава и со кои се демонстрираат пред студентите основните електротермиски постапки.
Едновремено создадена е и солидна база за изведување на комплицирани стручни и научни истражувања од областа на електротермијата и електричната влеча. Во нашата Лабораторија наставата и научно-истражувачката дејност формираат нераскинлива целина - наставниците се бават со научни истражувања односно, истражувачите држат настава.
Опременост на Лабораторијата: електронски сноп, микроплазма, уреди за директно и
индиректно загревање со електричен отпор, за заварување со притисок и топење, за индукционо и диелектрично загревање, за проучување на статички и динамички карактеристики на електричен лак, импулсно управуван еднонасочен мотор, мерна и регистрирачка опрема за прецизни мерења, системи за аквизиција, осцилоскопи, персонални сметачи итн.
Области на научно-истражувачка работа: конверзија на електрична енергија во топлина со максимална ефикасност, електромагнетна компатибилност на електротермиските уреди, развој на системи за следење на термалната експанзија, моделирање на топлински процеси.
Области на апликативна дејност: проектирање, адаптација, испитување на стабилни машини за преклопно електроотпорно заварување, процесно управување на електронски сноп, процесна контрола на квалитетот на заварениот спој со електроотпорно преклопно заварување.
Врвни остварувања на Лабораторијата: развивање на технологии за заварување со електронски сноп на специјални материјали и склопови за наменска индустрија.
Учебници и учебни помагала: Наставниот кадар на Лабораторијата за електротермија издаде универзитетски учебници за сите основни наставни области кои се негуваат во лабораторијата (електротермија, електрично заварување и електрична влеча). Покрај учебниците, Лабораторијата за електротермија има издадено и упатства за лабораториските вежби по сите предмети, збирки задачи, годишно ажурирани делови од предавања со кои се дополнува односно осовременува наставното градиво.
Лабораторијата располага и со релативно голем број на книги од странски автори од областа на електротермијата и електричниот сообраќај, како и голем број на книги од сродни области од електротехниката.
Студентите и Лабораторијата:
Нашата Лабораторија е “отворена лабораторија” за сите студенти кои сакаат практично да ги проверат одредени теоретски познавања, пројавуваат интерес за практична и/или истражувачка работа, имаат потреба од консултација, мислење, совет, стручна помош. Лабораторијата ги охрабрува сите заинтересирани студенти да земат учество во тековните апликативни и научно-истражувачки дејности.
Лабораторијата организира посети на студентите на индустриски капацитети кои се бават со електротермиски постапки и електрична влеча.
Нашата Лабораторија соработува со сродни Институти на странски факултети. Со цел да им овозможи на студентите краток престој на странски универзитети, Лабораторијата е во можност да посредува со универзитети партнери на Институтот.