55 години ФЕИТ
Јубилејни 55 години ФЕИТ
Во далечната 1959 година, на тогашниот Технички факултет во Скопје е формиран Електромашинскиот оддел. Осумнаесет години потоа во 1976 година, Електротехничкиот факултет станува самостојна членка на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Бидејќи промените се нормални и неопходни пред осум години Електротехничкиот факултет се преименува во Факултет за електротехника и информациски технологии. Во 2011 година, дел од ФЕИТ преминува на новоформираниот факултет ФИНКИ. После три години сведоци сме за нагорна линија во развојот на нашиот факултет кој оваа година го одбележува јубилејот 55 години постоење.
Јубилејот беше одбележан со Свечена академија која се одржа на 18 јуни во Македонскиот Народен театар во Скопје, каде пред Претседателот на државата д-р Ѓорѓе Иванов, и полната сала со пријатели, магистранти и дипломци на факултетот се обрати Деканот Проф. д-р Миле Станковски. Кој во својот говор нагласи дека се гордее со фактот што во студентските клупи на овој факултет седнуваат најдобрите матуранти и академски граѓани.
„Со огромен ентузијазам и посветеност развиваме креативни личности, професионалци со аналитички вештини и лидерски способности. Се гордееме на квалитетот што го продуцираме, но и на бројките што заслужуваат да бидат споделени – околу 8.000 електроинженери и дипломирани електроинженери, повеќе од 750 магистри и над 110 доктори на науки. Во моментов, на ФЕИТ студираат околу 2000 студенти, кои се дел од интелектуалната елита и се носители на развојот на Македонија, на регионот, на Европа, на светот“, рече деканот Станковски.
Пред присутните свое обраќање имаше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, професор д-р Велимир Стојкоски.
„ФЕИТ, како членка на УКИМ, работи на осовременување на наставно - образовниот процес и на стратешкото јакнење на врските со стопанството. По пет и пол децении, овој Факултет, целосно е интегриран во сите сегменти на општеството“, истакна ректорот Стојкоски.
Во музичката програма настапија Камерниот оркестар Скопски Солисти, под диригентската палка на Ле Фи Фи, солистите: Весна Гиновска Илкова - сопран, Томе Атанасов - обоа, Влатко Митев - фолклорен тапан, уметнички раководител: проф. м-р Васил Атанасов.
Вториот дел на свеченоста, започна со доделување на Златна диплома од ФЕИТ на првиот дипломиран електро-инженер,нашиот почитуван професор д-р Драгослав Рајичиќ. Проф. Рајичиќ дипломирал пред 50 години, подоцна станал професор на Факултетот, а и денес дава огромен придонес во развјот на науката (активно е вклучен во реализацијата на докторските студии на ФЕИТ), но и во развојот на стопанството.
Оваа година беа промовирани: 8 магистри по стари студиски програми, 69 магистри - втор циклус на студии, 48 дипломирани инженери VII1, 238 дипломирани инженери на прв циклус студии ЕКТС и 8 дипломирани на ИНФО - три годишни студии, кои магистрирале односно дипломирале од месец мај 2013 година до мај 2014 година.
ГАЛЕРИЈА
Наградите за најдобро дипломираните започнаа со доделување на Плакети за извонредни резултати и успешно завршени студии со просек над 9 кој ги доделува Деканот на ФЕИТ, оваа година вкупно 18 дипломирани инженери.
Инженерскиот прстен кој традиционално го доделува Инженерската институција на Република Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија за најдобро дипломираниот инженер, оваа година со него се закити Паулина Грнарова (просек 9,97), а наградата ја додели Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија Г-дин Блашко Димитров.
Наградите кои ги доделува Фондацијата "Атанаско Кантарџиев" на двајца студенти на ФЕИТ - Паулина Грнарова и Благој Јованов, првите двајца студенти со најдобар вкупен успех во својата генерација.
Фондацијата на професорот Димитар Стамболиев која оваа година слави 20 години од нејзиното основање, основана во чест на неговиот прерано починат син Коста. За постоењето на Фондацијата професорот ќе рече "Ме води мислата дека секој човек постојано треба да биде активен и да остави нешто зад себе за наредните генерации. Решив средствата од моите трудови што ги објавував изминатите 30 години, а сега повторно се публикуваат, да ги вложам во студентите и да ги наградувам за нивниот труд". Oваа година наградата му беше доделена на Радослав Јанкоски, како најдобар дипломиран студент од студиската програма Електроника радиотехника и процесирање на сигнали.
Трите наградите од Македонскиот национален комитет при Меѓународната федерација за големи електрични системи - МАКО СИГРЕ ги додели претседателот проф. д-р Рубин Талески на најдобро дипломирани инженери од електроенергетските студиски програми : Александра Дејкоска, Цветанка Јузмеска и Марија Ташовска.
И Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика на Македонија – ЕТАИ кое доделува награди на најдобрите дипломирани студенти од студиските програми: - Електроника, радиотехника и процесирање на сигнали - Радослав Јанкоски; Телекомуникации - Елена Бошковска; Компјутерско системско инженерство и автоматика - Матеј Добревски; Информатика и компјутерско инжинерство - Паулина Грнарова. Наградите ги врачи претседателот на ЕТАИ, проф д-р Александар Ристески.
Во име на сите дипломирани и магистрирани се обрати дипломираниот инженер Александра Дејкоска, според која дипломата е многу повеќе од титула.
„Дипломата што ја добиваме значи многу повеќе од титула. Претставува спомен на една етапа од нашиот живот. И ако речам да ја искористиме најдобро што можеме, мислам на сè што таа значи: да се стане човек пред сè, да се стекнат знаења, искуства, пријателства, да се работи за утрешнината... “, порача Дејкоска.
На ФЕИТ се почнува и завршува со студентите. А дека најдобрите ни ја доверуваат нивната судбина покажува промоцијата на 296 инженери и 78 магистри. Нашите студенти се етаблирани и почитувани во општеството. Нашите професори уживаат висок углед. Нашиот ФЕИТ гордо го носи епитетот "НАЈЕЛИТЕН ФАКУЛТЕТ ВО МАКЕДОНИЈА".
Од срце им благодариме на сите присутни што беа дел од нашиот јубилеј, и ветуваме дека нашиот, но и Ваш дом на знаењето ќе го развиваме и понатаму како водечка образовна и научно-истражувачка институција во Република Македонија на полето на електротехниката и новите технологии.