ОПРАВДАНОСТ СО ОГЛЕД НА ПОТРЕБИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ
Индустрискиот развој на секоја држава е во тесна корелација со зголемувањето на енергетските потреби воопшто, и во тој контекст и потребите од електрична енергија. Зголемувањето на енергетските потреби, пак, од друга страна, негативно влијае врз човековата околина од повеќе аспекти: зголемена емисија на штетни гасови по здравјето на човекот, емисија на стакленички гасови што влијаат на глобалното затоплување и сл.
Современиот пристап кон искористувањето на енергетските ресурси, а во тој контекст и искористувањето на електричната енергија како најудобен облик на енергија погоден за едноставно генерирање, пренесување, дистрибуција и конверзија во било каков друг облик на енергија (механичка, топлинска, електрична, светлинска, звучна итн.), значи примена и управување на електроенергетски уреди од различен вид за конверзија на енергијата од еден во друг облик. Нивниот развој и примена се возможни единствено преку перманентно едуцирање на кадри кои ќе одговорат на предизвиците поврзани со противречностите помеѓу потребите од интензивен индустриски развој и заштитата на човековата околина.
Проектирањето, изведувањето, управувањето, надзорот и одржувањето на современите индустриски погони и електроенергетски постројки, но и високиот степен на сложеност на деловните згради и центри, па и резиденцијални објекти, во целост ја оправдуваат потребата од профилирање на професионални инженерски кадри кои ќе одговорат на задачите. Притоа, имајќи ги предвид современите тенденции на индустрискиот развој и односот кон околината, слободно може да се каже дека потребата од овие кадри во наредниот период е со висок степен на оправданост и ќе оди по континуирана нагорна линија.
Кадрите од овој инженерски профил се оспособуваат за вработување во сите индустриски гранки, но и во средното и малото стопанство, како и компании за проектирање и развојно-истражувачки институции. Делокругот на работа на кадрите вклучува работа на истражување, проектирање, развој, конструкција, производство и модернизација на постројки во индустријата, со акцент на автоматизацијата и пректирањето на флексибилни, енергетски ефикасни и еколошки прифатливи производни линии и потрошувачи на електрична енергија.






