ФЕИТ изработи методологија за препознавање знаења и вештини кај градежните работници
Факултетот за електротехника и информациски технологии - Скопје изработи методологија за препознавање претходни знаења и вештини стекнати во неформалното и информалното образование за потребите на проектот „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност“ – (BUILD UP Skills - Builders' Energy Efficiency Training - BEET), финансиран од Европската Унија. Со тоа заврши процесот на сертифицирање тренери и градежни работници и се постигнаа целите од приоритетите на ЕУ Стратегијата 2020 за спроведување на енергетската ефикасност во градежниот сектор.
Во реализација на проектот учествуваа ФЕИТ и Стопанската комора на Македонија, како и неколку други институции и организации. Во хотелот „Холидеј ин“, беа презентирани резултатите од спроведувањето на ЕУ стратегијата 2020 за енергетска ефикасност во градежниот сектор во Република Македонија и свечено беа доделени 972 сертификати на градежни работници. За обуката се пријавија 1.146 кандидати, кои ја искористија можноста, бесплатно, да се пријават и да се стекнат со сертификати за поседување знаења и вештини за енергетска ефикасност перку информално и неформално образование. Со добивање на овој сертификат, градежните работници ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот и ќе може да аплицираат за тендери каде се бараат работници со енергетска ефикасност.
Благодарение на оваа методологија, изработена од ФЕИТ, 1000 градежни работници добија сертификати за енергетска ефикасност во 5 занимања - фасадери, кровопоривачи, столари, инсталатери на греење и вентилација и инсталатери на електрични инсталации. Сертификатите се издадени од Сертификационо тело во рамки на проектот „Обука на градежни работници за енергетска ефикасност“ и ќе важат во Македонија, Хрватска и Словенија, како земји учесници во Иницијативата. Дополнително, ќе се препорача нивно верифицирање од страна на Центарот за образование на возрасни.
ЕУ иницијативата BUILD UP Skills овозможи да се подобрат квалификациите и вештините на градежните работници за да се постигне поголема енергетска ефикасност на објекти. На овој начин, Македонија се подготви во делот на квалификација и преквалификација на градежните работници, односно работници кои поседуваат знаења и вештини стекнати со неформални обуки или работно искуство во градежни претпријатија.