Успесите на тимовите на ФЕИТ на Електријада 2012
На овогодинешната Електријада, што се одржа во периодот 18-23 мај во Кранево, Бугарија, нашите студенти покажаа извонредни резултати. Тимот од студентите од насоката Телекомуникации, во чиј состав беа Елена Бошковска, Катерина Смиљковиќ и Христијан Ристевски, освои второ место. Второ поединечно место освои и студентката Елена Бошковска. Ова воедно беше и најдобар резултат на било која екипа и поединец од ФЕИТ и Македонија, воопшто. Покрај наградата од областа на Телекомуникациите, ФЕИТ се закити со уште една награда од областа на Автоматиката. Тимот од студентите од насоката Компјутерско системско инженерство и автоматика во чиј состав беа Станислава Секирарска, Илија Митров и Николче Вељановски, освои трето место.
Електријадата, како манифестација, претставува најголем годишен собир на студенти од техничките факултети во Југоисточна Европа и пошироко. Традиционално се одржува веќе 52 години и претставува симбол на глобалното академско единство и студентскиот дух. Оваа година имаше учесници од шест земји и вкупно 20 факултети, меѓу кои се најдоа техничките факултети од Белград, Љубљана, Загреб, Ријека, Тузла, Бања Лука, Нови Сад, Сараево, Софија, Подгорица, Краков, Варшава и други. Студентите, преку натпревари во наука и спорт го бранат угледот на својот факултет и својата држава.
ФЕИТ се гордее со своите студенти кои успешно го одбранија угледот на ФЕИТ и се доказ за квалитетната работа и стручните тимови на нашиот факултет.