Техничките факултети – причина за национална гордост
20.06.2019, Скопје – Трите технички факултети Машинскиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии, вчеравечер, на свечена академија одбележаа 60 години постоење. Трите факултети прославија шест деценици под мотото „Создаваме иднина“.
На академијата, која се одржа во Македонската Филхармонија, говореа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски и деканите на трите високо образовни институции, професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, професор д-р Јон Магдески – декан на Технолошко-металуршкиот факултет и професор д-р Дарко Данев, декан на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, за време на своето обраќање истакна „чествуваме 60 години историја и вградени кариери и знаења на генерации и генерации професори, научни работници, асистенти и други составен дел на факултетите кои создадоа инженери во клучни области за развојот на нашата држава. Славиме 60 години исполнети со големи успеси на планот на образованието и науката. Вечерашната свечена прослава на овој значаен јубилеј е само скромно оддавање на признание на десетиците илјади инженери од трите факултети кои потоа стекнатите знаења ги пренесоа и практикуваа во нашата земја и во земјите на поранешната заедничка држава Југославија. На овие факултети студираа и студенти од други држави и јас сум убеден дека тие со гордост раскажуваа дека своето знаење го стекнале на некој од овие три факултети.“
Професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на свечената академија потенцираше дека не постои институција или организација каде што не влијаело знаењето од овие „храмови на умот“.
„Постојат многу факти кои ја потврдуваат оваа теза, но тоа го кажаа првите луѓе на Факултетите. Бројот на дипломирани, магистрирани и докторирани инженери говори за влогот на генерации професорски и асистентски кадар, кој со својот интелектуален капацитет создадоа „армија“ успешни професионалци. Факт е дека не постои општествена пора во која не придонел одреден инженер. Начинот на размислување и стилот на функционирање во светот на инженерите дава посебен и различен придонес во разнобојноста на општеството“, рече Јанкуловски.
ФЕИТ е „една од водечките институции во државата и во регионот“, меѓудругото, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски.
„Овој статус е резултат на ангажманот и вложениот труд и знаење на неколку генерации вработени. Затоа со гордост велиме дека кадарот на ФЕИТ е неговата најголема вредност. Професори, доценти, асистенти, административни службеници, деканатска управа: сакам, од сè срце, да им се заблагодарам што се вложувале, се вложуваат и ќе се вложуваат во креирање и во одржување на овој статус на најдобар факултет во земјава“, потврди Ташковски.
За деканот на Машински факултет, професор д-р Дарко Данев, „60 години, оваа наша куќа произведува знаење, произведува реалност, произведува место за подобар живот, произведува среќа, создава иднина за сите останати кои индиректно и несвесно учествуваат во нашиот свет користејќи ги придобивките од машинците, користејќи го тоа што ние го создаваме за општо добро....“.
За професор д-р Јон Магдески, декан на Технолошко-металуршкиот факултет, „Инженерството и технологијата претставуваат практична примена на науката и научните достигнувања за да се зголеми продуктивноста и да се произведат нови, подобри и поквалитетни производи.
„Кога некој би прашал: Како ќе изгледа светот на технологијата за 10 до 15 години отсега?, многу тешко би билo да се даде одговор. Иновациите во светот на технологијата се случуваат секојдневно. Старите модели на работење се напуштаат, а бизнис светот станува многу помобилен“, рече Магдески.
Заедничката историја на овие три високо образовни институции – Факултетот за електротехника и информациски технологии, Технолошко-металуршкиот и Машинскиот факултет, говори дека тие до 1959 година биле обединети во тогашниот Технички факултет. Оваа година, за прв пат, се формираат Електро-машински оддел и Технолошки оддел.