Одделот за телекомуникации на Република Македонија е добитник на Наградата за значајно достигнување за 2014 година
Секоја година, Здружението за телекомуникации со седиште во Њујорк (IEEE Communications Society) доделува Награди за значајни достигнувања на национални Оддели за телекомуникации (ComSoc Chapter Achievement Award), како признание за спроведените активности помеѓу 170 национални Оддели за телекомуникации низ светот.
Имаме задоволство да информираме дека Одделот за телекомуникации на Република Македонија (ComSoc Macedonia) е добитник на Наградата за значајно достигнување во 2014 година за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка. Наградата се состои од Плакета и парични средства, и е проследена со цитат „За извонредни достигнувања во активностите на Одделот и за придонес во реализацијата на целите на Здружението за телекомуникации“.
Конкретно, следниве четири Оддели за телекомуникации се добитници на оваа награда за 2014 година:
- Малезија (за регионот Азија и Пацифик), ,
- Република Македонија (за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка),
- Колумбија (за регионот на Латинска Америја),
- Њу Џерси (за регионот на Северна Америка).
Одделот за телекомуникации на Република Македонија (ComSoc Macedonia) е професионална организација на електроинженери, специјализирани во областа на телекомуникациите и информациско-комуникациските технологии (ИКТ). Најголем дел од неговото членство се состои од наставен кадар на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кадар од други сродни факултети и универзитети во Македонија, како и електроинженери вработени во ИКТ индустријата во Република Македонијa. Одделот за телекомуникации е дел од македонската секција на ИЕЕЕ, најголемото професионално здружение на електроинженери во светот.
Претседател на Одделот за телекомуникации во мандатниот период 2012-2015 година е д-р Зоран Хаџи-Велков, професор по телекомуникации на ФЕИТ.