Најава за РобоМак 2017
Годинава, по осми пат ќе се одржи интернационалниот натпревар и работилница за роботика - RoboMac, чија цел е популаризација на роботиката и вештачката интелигенција меѓу студентите од Македонија и Европа.
Целите на RoboMac се: oвозможување на практична работа од областа на роботиката и вештачка интелигенција, меѓусебна размена на знаења и искуства од оваа област помеѓу домашните и странските учесници; приближување на роботиката кон средношколците итн.
На семинарот, кој ќе се одржи oд 9ти до 14ти октомври, учество ќе земат 50 домашни и 30 странски учесници, кои по шестдневна обука ќе си ги одмерат силите на финалниот натпревар.
Во рамките на RoboMac 2017 предавања ќе одржат истакнати професори и експерти во доменот на роботиката, електрониката и вештачкаta интелигенција, кои ќе им го пренесат своето знаење на учесниците.
Учесниците во текот на семинарот ќе присуствуваат на предавањата, а истовремено ќе работат мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар. Како и секоја година, се со цел да се задржи трендот на иновативност и внесување на новитети во натпреварувањето, и оваа година ќе се промовираат нови и обновени категории. Целата манифестација ќе кулминира на 14-ти октомври, кога ќе се одржи финалниот натрпеварот во Домот на АРМ и ќе бидат прогласени победниците во категориите:
■ Сумо - два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот;
■ Line Follower - нова категорија наменета за хардвер ентузијасти во која натпреварувачите ќе создадат комплетно хардверско, како и софтверско решение на робот кој ќе следи линија;
■ Хуманоид - ревијална категорија наменета главно за средношколци во која се оценува комплексноста на изведената точка;
■ Лавиринт - роботи кои со помош на алгоритми ќе решаваат едноставни и комплексни лавиринти;
■ AI Football- интелигентни агенти кои со помош на алгоритми за вештачка интелигенција ќе се натпреваруваат меѓу себе во симулација на фудбалски натпревар;
■ Sphero – роботска топка која со помош на камера и дигитално процесирање слика ќе селектира кои препреки ќе ги избегнува а кои ќе ги турка.
Пријавувањето за учество на настанот ќе трае во перодот 19.9.2017 - 1.10.2017г. на официјалната страна на RoboMac 2017 - http://robomac.mk каде може да најдете и подетални информации за секоја категорија.
RoboMac 2017 е во организација на две студентски организации, кои се активни на техничкиот кампус на УКИМ (Студентски огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ и Студентски парламент на ФЕИТ), како и студенти волонтери од ФЕИТ.