Job Fair 2012 - место каде ќе започнат многу кариери!
По 8-ми пат БЕСТ Скопје го организира Саемот за вработување и кариера –Job Fair и им нуди одлична шанса за вработување, пракси и соработка на студентите и компаниите во Македонија. На Саемот за вработување и кариера и оваа година ќе се претстават успешни компании од целата држава, а целта на овој настан е доближување на компаниите до студентите и дипломците преку директен контакт на работодавачите со нивните идни вработени.
Овој настан кој трае 3 дена е одлична можност студентите и дипломците да се запознаат одблиску со нивните идни работодавци, да се информираат за можностите за вработување што ги нудат големите компании од земјава и странство и да се информираат за можност за реализирање пракси.
Саемот за вработување и кариера допринесува за спојување на триаголникот “универзитети - студенти - компании” со цел да ја намали нееднаквоста на понудата и побарувачката на труд, да овозможи директен контакт помеѓу студентите и компаниите и на студентите да им овозможи бесплатни предавања на различни теми од нивното поле на интерес.
Досега на настанот имаат учествувано преку 50 компании во вкупно 7-те изданија на Job Fair®. Во 2011 година на настанот учествуваа 8 компании од кои 2 интернационални, а истиот го посетија преку 3.500 студенти .
На 8-мото издание на Саемот, кое ќе се одржи од 9-11.04.2012, ќе бидат присутни многу компании, од кои како најистакнати се издвојуваат АЛБА - Факултет за бизнис и економија, АЕК- Агенција за електронска комуникација, АВРМ- Агенција за вработување на Република Македонија, Нетцетера, Мепсо, ЕВН, НЦДИЕЛ, Цементара Усје и други.
Презентациите и обуките се комплетно бесплатни за студентите и истите ќе се одржат во просториите на ФЕИТ и ФИНКИ. За сите дополнителни информации околу распоредот може да ја посетите веб страницата http://www.jobfair.org.mk/.