Институтот за телекомуникации (ИТК) на ФЕИТ прослави јубилеј од 30 години постоење и 40 години од воведувањето на областа телекомуникации во високо–образовниот процес во Република Македонија
На 20-ти декември 2012 година се одбележаа двата големи јубилеи на Институтот за телекомуникации, 30 години постоење и 40 години од воведувањето на областа телекомуникации во високообразовниот процес во Република Македонија. На јубилеите присуствуваа поранешни и сегашни професори од ФЕИТ, претставници на најголемите телекомуникациски компании, министерства, државни агенции, други факултети од земјата, странски гости и поранешни и тековни студенти.
Одбележувањето започна со обраќање на раководителот на Институтот за телекомуникации, проф. д-р Лилјана Гавриловска која во кратки црти ги изложи историјата на Институтот и достигнувањата на неговите членови од основањето до денес. На јубилејот се обрати и деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски, кој ја потенцираше важноста и придонесите на Институтот за телекомуникации во дејноста и развојот на ФЕИТ. Исто така беше прочитано обраќање на претходниот раководител на Институтот, проф. д-р Татјана Улчар-Ставрова. Одбележувањето продолжи со доделување на плакети за особен придонес во развојот на Институтот на проф. Борис Спасеноски, основачот на Институтот, првиот професор од областа телекомуникации и првиот раководител на Институтот, ЕТФ Белград - Катедра за телекомуникации и Македонски Телеком АД Скопје. Потоа беа доделени благодарници во знак на признание за придонесот во развојот и афирмацијата на Институтот и областа, на Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за електронски комуникации, Советот за радиодифузија, Институтот за стандардизација на Република Македонија, Агенцијата за државни патишта, T-Mobile Македонија АД, VIP Оператор - Република Македонија, ONE Телекомуникациски услуги – Скопје, Македонската секција на IEEE и Македонски Железници – Инфраструктура. При доделувањето на плакетите и благодарниците на присутните им се обратија проф. Борис Спасеновски, проф. д-р Александар Нешковиќ од ЕТФ Белград, м-р Славко Пројковски, главен финансиски директор на Македонски Телеком и заменик министерката за информатичко општество и администрација г-ѓа Марта Арсовска – Томовска. Во продолжение на јубилејот присутните беа поканети на коктел и имаа можност да ги посетат лабораториите и да се запознаат со истражувачката работа и проектите на Институтот.
Од скромен почеток со мал број на членови, преку бројни успешни приказни и реализирани проекти, Институтот за телекомуникации при ФЕИТ, денес прерасна во респектабилна и препознатлива институција од областа на телекомуникациите, со јасна визија за понатамошниот развој. Работејќи во чекор со најновите достигнувања во областа на телекомуникациите, ИТК произведува врвни телекомуникациски инженери, обучени според најнови светски стандарди.