Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости INNOFEIT - IskraTel

INNOFEIT - IskraTel

Со новата академска година официјално започна и првиот проект на новиот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИННОФЕИТ при Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ) во Скопје, во соработка со компанијата ITS ISKRATEL.

Проектот со наслов: “BIG DATA ANALYTICS AND FORECAST – BIG DAF” е воден од доц. д-р Христијан Ѓорески кој е дел од институтот за Компјутерски Технологии и Инженерство (КТИ) на ФЕИТ. На овој проект ќе работат студентите Симон Станкоски и Ивана Кипријановска кои се во нивната завршна година од додипломските студии на ФЕИТ.

Проектот е од доменот на потрошувачка на електрична енергија, поточно нејзина прогноза, која што претставува проблем од растечки интерес - посебно сега со либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Р. Македонија. Деталните системи за следење на енергетската потрошувачка се од големо значење за дистрибутерите на електрична енергија. Целта на овој проект е да се направат модели за автоматско предвидување на потрошувачката и производството на електричната енергија со користење на алгоритми од вештачката интелигенција и машинското учење. Целта е овие модели да се користат како алатка за подобро управување со електричната енергија како и оптимизација на оптоварувањето на електричната мрежа.

ITS ISKRATEL Telecommunication Systems Ltd., е главен снабдувач на телекомуникациска опрема во Република Македонија во последните 60 години и водечки системски интегратор за проектирање, имплементација и одржување на ИКТ решенија.