ФЕИТ ќе соработува со Институтот за нуклеарни науки „Винча“
27.02.2018, Скопје – Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе соработува со Институтот за нуклеарни науки „Винча“ од Белград, Србија.
На денешното потпишување на Меморандум за соработка од ФЕИТ велат дека со овој Меморандум ќе се продлабочи соработката во образовните и научно-истражувачките активности преку работа на заеднички проекти, размена на академски кадар и на студенти, размена на искуства во иновативни методи на предавање, организирање заеднички симпозиуми, работилници и конференции.
„Со овој чин на потпишување на Меморандумот ја потврдуваме нашата соработка со Одделот за радиациона хемија и физика во Винча, во чиј состав се наоѓа и постројката за индустриска стерилизација, преку заеднички истражувања во дозиметријата, испитувањето на храна и додатоци на храната третирани со јонизирачко зрачење“, вели Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од Институтот за нуклерни науки „Винча“ велат дека повеќе од 40 години работат на стеризилација на медицински садови и конзервација на храна со јонизирачко зрачење.
„Со ФЕИТ сакаме да ја продлабочиме, но и да ја официјализираме, досегашната соработка за прашања поврзани со радициона стерилизација и конзервација на храната, како и детекција на храна која била третирана со јонизирачко зрачање. Двете држави имаат обврска, а тоа го бара и ЕУ, да ја проверуваат храната дали е третирана и доколку е, тогаш тоа мора прописно да биде означено на пакувањето“, вели професор д-р Мирослав Драмиќанин од Институтот „Винча“.
Меморандумот ќе овозможи продлабочување на долгогодишната соработка помеѓу двете институции, посебно во истражување и карактеризација на нови материјали, материјали третирани со јонизирачко зрачење и нивна примена во индустријата, како и стеризација на медицински материјал, козметички препарати и додатоци во исхраната.