Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости ФЕИТ ги награди најдобрите студенти

ФЕИТ ги награди најдобрите студенти

Свечено доделување на награди и пофалници на студентите со постигнат успех 9 и над 9 и награди и благодарници на најзаслужните студенти за промоција на ФЕИТ

 

На 20 јуни 2017 година, во Амфитеатарот на ФЕИТ се одржи свечено доделување на награди и пофалници на студентите кои учебната 2015/16 година ја завршиле со успех 9 и над 9 и награди и благодарници на најзаслужните студенти за промоција на ФЕИТ на меѓународно ниво и промоција на ФЕИТ во полето на спортот во изминатата година.

Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, овие студенти се промотори на Факултетот и затоа, заслужуваат да бидат наградени и да им се признае постигнатиот успех.

Студентите на ФЕИТ освоија прво место на Меѓународниот натпревар по LabVIEW во Загреб, Хрватска, минатата година. Како резултат на ова, следниот натпревар ќе се одржи во Скопје.

Прво место освои и проектот електричен картинг на 9-та меѓународна конференција на студентски проекти IEEESTEC 2016-та година. Деканот потенцираше дека амбицијата на факултетот е да продолжи да работи на реално возило – Опел Инсигниа.

„Во овој проект ќе бидат вклучени и голем дел од студентите. Оваа година Факултетот дефинираше и неколку апликативни реални проекти кои ќе се зголемуваат во наредните неколку години, а би сакале да направиме и конкурс на кој и Вие ќе можете да аплицирате со Ваши иновативни идеи“, порача Ташковски.

Годинава беа осовени медали во ракомет, одбојка и индивидуални спортови во Универзитетската лига. Беа освоени и две петти места во штафетно трчање и учество во полумаратон на Скопскиот Wizz air маратон 2017.

„Уште еднаш покажавме дека и нашите студенти можат да бидат одлични спортисти. Јас сум среќен што на нашиот факултет се уште има студенти кои имаат пасија кон спортот“ – изјави Деканот на свечената промоција.

Факултетот оваа година прослави 58 години постоење. За помалку од шест децении, ФЕИТ успеа да изради репутација на најдобар факултет од областа на електротехниката и информациските технологии, факултет кој располага со најдобар кадар и на кој се запишуваат само најдобрите средношколци.

Галерија