ASAP победи на првиот Betapitch натпревар на македонските стартап компании
08.10.2018, Скопје – Решение за компании кои имаат потреба од носење критични одлуки за многу кратко време, насловено како ASAP, е победник на првиот Betapitch настан во Македонија, кој вчеравечер се одржа во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Уште две други стартап компании, Vapoar Apps и Intelory, со своите креативни решенија беа наградени со менторство кое ќе продолжи во Германија.
„ASAP претставува решение за сите компании кои имаат потреба од донесување критични одлуки за многу кратко време. Нашите природни клиенти се фaбриките, енергетските компании и компаниите кои нудат комуникациска инфраструктура. Во моментов, ASAP може да извлекува знаење преку брза анализа на сензорски податоци (мерења), географски податоци (локации) и текстуални податоци (twitter)“, вели Горан Стојановски од компанијата „Елевејт-Глобал“.
Победникот на овој натпревар на македонски старт ап компании учествува на BETAPITCH Global & Investors Day во Берлин, кој ќе се одржи на 15 ноември 2018 година.
„На настанот во Берлин очекуваме успешна презентација и почеток на преговори со компании кои работат на пазарите во западна Европа. За нас, од исклучителна важност е да поставиме стратешко партнерство со овие компании и заедно да им помогнеме на нашите клиенти да ги носат вистинските одлуки брзо, со помош на ASAP“, додава Стојановски.
На натпреварот се претставија 13 македонски стартап компании кои со свои решенија и иновации ги изненадија судиите, меѓукои и главниот оперативен директор на берлинската стартап сцена „Бетахаус“. Комисијата го проценуваше технолошкиот и бизнис потенцијалот на идеите на учесниците. Од 1-ви до 6-ти октомври 2018 година, претставниците на компаниите добија менторска поддршка од глобални и локални специјалисти, како поддршка за унапредување на бизнис концептот и на презентациските вештини.
„Важно е што на натпреварот има и хардверски и софтверски решенија, што докажува дека македонската стартап сцена е еднакво интересна, важна и квалитетна и за Германија и за глобалниот пазар. Посебно ме радува фактот што меѓу нив, 5 доаѓаат од УКИМ составени од студенти и професори, што повторно укажува на фактот дека и нашето образование е квалитетно и конкурентно. Поддршката не застанува тука, односно менторството продолжува сé додека не се добие најдобрата финална верзија на проектот. Сите кои се претставија се фокусирани на технолошкиот развој“, додава Александар Стамболиев од Фондацијата „проф. д-р Димитар Стамболиев“.
„Betapitch е локален настан кој патува низ целиот свет преку развиен и нов екосистем за старт ап компании. Поврзувањето значи поддршка во градењето екосистем и негово вкрстување на глобално ниво. Победничкиот тим од локалниот бетапич ќе дојде во Берлин да застане на Betapitch Global stage и да се натпреварува за парична награда, патување до Долина и партнерски награди меѓу другите. Глобалниот Betapitch не е само да се биде на сцената, туку е дел и од Денот на Инвеститори, предводен од Betahaus каде што се натпреваруваат повеќе од 100 стартапи со инвеститори, корпорации и професионалци од индустријата. Прв пат сме во Скопје и се надевам дека соработката ќе продолжи“, вели Ива Јанковиќ од Бетахаус.
Овој настан Betapitch се одржува во 15 различни градови низ целиот свет, вклучувајќи го и Скопје. Локални партнери за Македонија се Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев и Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при #ФЕИТ/УКИМ.
За повеќе информациите, следете нé на: https://www.facebook.com/events/327843344459457/?__mref=mb