Академикот проф. д-р Леонид Грчев избран за IEEE Fellow
Престижната асоцијација IEEE го избра академикот проф. д-р Леонид Грчев за IEEE Fellow во класата 2013, за неговиот посебен придонес кон преодно електромагнетно моделирање на заземјувачки системи (transient electromagnetic modeling of grounding systems).
IEEE (www.ieee.org) е водечка светска организација за унапредување на технологијата во полза на човештвото и брои преку 400.000 члена од 160 земји во светот. Таа е водечкиот авторитет за огромен број на области - од вселенски системи, комјутери и телекомуникации, па сè до биомедицинско инженерство, електрична енергија и електроника. IEEE публикува 30 проценти од светската литература во областа на електротехниката и информациските технологии и развила над 900 активни индустриски стандарди.
Изборот во IEEE Fellow е ригорозен и долготраен процес. Бројот на избрани било која година не смее да надмине еден промил од вкупниот број членови. Титулата IEEE Fellow во светската научна и техничка јавност се смета за врвна почест и важно достигнување во кариерата.
Ова е голем успех за проф. Грчев, но и за ФЕИТ и Универзитетот исто така.
Честитки до професорот Грчев!